Кочов: Докажавме дека „Градски парк“ не е неосвоив

МЗТ Скопје ја прекина серијата од четири порази во меѓусебните пресметки со Работнички, триумф со кој „металците“ сега се рамо до рамо со „центарци“ во битката за првото место во пресрет на Супер-лигата. Ѓорѓи Кочов има причина за задоволство откако неговите избраници по неколкуте слаби партии на гостувањата во АБА2 покажаа и квалитет и карактер и славеа на жешкиот терен во „Градски парк“.

Одбраната беше заштитен знак на МЗТ, Дамјан Стојановски извонредно го неутрализираше Чавдар Костов, а во нападот одлични беа Иванов и Самарџиски.

Морам да бидам задоволен, покажавме квалитет и докажавме дека „Градски парк“ не е неосвоив во пресрет на клучниот дел од сезоната. Можеби можевме и порано да го осигураме натпреварот, се влезе во неизвесна завршница, но во секој случај сметам дека оваа победа е заслужена. Одигравме одлично во одбраната против нивните најважни играчи и тоа беше клучен фактор во оваа битка, иако бевме ограничени со неиграњето на Младеновски. Оваа победа ни дава самодоверба пред важните средби од АБА2 лигата со Спарс, како и пред наредните пресметки во домашното првенство, во кое битката за трофеите допрва следи. Во секој случај, уживање беше што ова дерби се одигра во спортска атмосфера, со присуство на навивачи на двете екипи, иако салата „Градски парк“ со капацитетот е претесна за сите искрени кошаркарски љубители во Скопје“ – изјави Кочов.

Се вчитува...