Кочов: Имавме контрола повеќе од 30 минути, заслужено победивме

Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, имаше причина за задоволство откако „металците“ во неизвесна завршница славеа над Работнички и прокнижија нови бодови на табелата во АБА2 лигата.

Тој го истакна карактерот на неговиот тим како клучен фактор да се стигне до триумф во неизвесната завршница.

„Мислам дека ова беше еден добар меч, навистина интересно македонско дерби во АБА2 лигата. Можам да бидам задоволен од голем дел од мечот, но имаше делови кога тие се вратија, ни поставија зона кога ни влезе „вода во уши“ и не погодивме неколку шутеви, по што следеше пресврт. Севкупно гледано, имавме контрола повеќе од 30 минути и мислам дека заслужено победивме. Им честитам на моите кошаркари за карактерот, не е лесно да водиш 13 разлика, па потоа во финишот да се вратиш и да победиш“, изјави Кочов.

Следен меч на МЗТ Скопје е дуелот со Ловќен закажан за петок во 12 часот.

 

 

Се вчитува...