Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва (19 часот) на гостувањето во Бар против Морнар ставаат крај на авантурата наречена АБА-лига, во која македонскиот првак апсолутно се посрамоти со настапите во текот на целата сезона. „Металците“ во досегашниот тек од сезоната имаат очаен скор 3-18 и заслужено се заковани на дното на табелата, па им останува да се надеваат на проширување на лигата за да не се случи да испаднат од елитното друштво во елитното регионално натпреварување. „Сино-белите“ ќе бидат без тренерот Лукајиќ, кој поради семејни причини мораше да замине за Србија, а тимот на вечерашниот натпревар ќе го предводи Ѓорѓи Кочов.
На спротивната страна, Морнар ја игра најуспешната сезона во историјата, овој тим веќе го осигура четвртото место и учеството во полуфиналето. Згора на тоа, МЗТ ќе биде значајно ослабен поради неиграњето на плејмејкерите Крофорд и Нешовиќ, како и на повредениот Бојан Трајковски, а ротацијата на играчи дополнително е намалена со заминувањето на Минчев.
„Нема што премногу да се каже за Морнар, освен дека станува збор за тим што е меѓу најдобрите четири во оваа силна конкуренција. Ние ќе се обидеме да одиграме борбено и пожртвувано, да го дадеме максимумот. Ова е последен меч во АБА сезонава, што ќе ни биде дополнителен мотив да се прикажеме во најдобро можно светло“ – изјави Дарко Соколов во пресрет на вечерашниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА