Кочов: Ќе мора да работиме да бидеме уште подобри

МЗТ Скопје стигна до третата победа во низа на „балонот“ на Златибор откако славеше над Борац од Бања Лука со убедливи 99-75. Тимот од Аеродром доминираше на паркетот уште од самиот почеток, беше подобар во речиси секој сегмент во играта од противникот, меѓутоа не успеја да го затвори најдоброто „оружје“ на противникот – Никола Танасковиќ кој оствари дабл-дабл учинок од 23 поени и 10 скока.

И покрај добрата игра на своите момци, кои во второто полувреме постигнаа 44 поени, Ѓорѓи Кочов на крајот од натпреварот не беше најзадоволен од прикажаното на своите играчи.

„Mислам дека одигравме одлично прво полувреме и второ полувреме кое не смее да ни се повтори. Одбрана беше горе доле добра, но и на 20 разлика да не се игра во наш систем е недозволиво и тоа може следниот пат скапо да не чини. Тоа ќе го решиме уште утре. Им честитам на моите играчи кои спроведоа голем дел од тоа што бевме договорени. Имавме и добар шутерски ден, меѓутоа катастрофални слободни фрлања, а имаат и осум скока повеќе од нас. Тоа беше прво нешто во планот што моравме да го реализираме, а не го исполнивме и ќе мора да работиме да бидеме уште подобри. Не можеме да играме 20 минути кошарка, мораме 40“ – изјави тренерот на МЗТ Скопје.

Тимот од Аеродром игра подобро од натпревар во натпревар, од воведните шест натпревари, избраниците на Кочов добија четири средби, три во АБА2 лигата, и една во домашното првенство. Сега за „штрковите“ следи репрезентативна пауза, а потоа и нови дуели на домашно тло.

Се вчитува...