Кочов: Марин прв ми даде шанса како играч, но ова нема да е тренерска битка

МЗТ Скопје ја мина пречката наречена Блокотехна, па „сино-белите“ седма година по ред ќе бидат дел од големото финале во кошаркарскиот плејоф. Фактот дека ривал по четири години повторно е Работнички само го прави ова финале попримамливо за јавноста.

„Секогаш кога играат Работнички и МЗТ Скопје, натпреварите се со посебно значење. Очекувам вистински спектакл, едно спортско надигрување на терен и навивање на трибини. Во овој дел од сезоната Работнички покажа фантастична игра, ја има и улогата на благ фаворит поради предноста на домашен терен, но ние сигурно ќе сториме се за да славиме во ова финале“ – изјави Ѓорѓи Кочов.

Стратегот на „металците“ откри за својата поврзаност со Марин Докузовски, но младиот стручњак смета дека клучна за победата ќе биде битката на теренот, а не надмудрувањето на двајцата стратези.

Марин е тренер што прв ми даде шанса во првата екипа на 15 години, јас никако не можам да го заборавам тоа. Ги знам неговите методи на работа, но тоа нема да биде од никаква помош бидејќи ова ќе биде битка на две екипи на терен, а не битка на двајца тренери“ – истакна тренерот на МЗТ Скопје.

Игор Пенов очекува тешка битка, но големиот борец најавува дека МЗТ ќе стори се за да ја одбрани титулата.

„Ние како тим имавме тешка сезона, но ете стигнавме до ова финале каде пред нас е Работнички. Тоа е тим што играше многу добро цела сезона. Тие се благи фаворити, но дерби како дерби, никогаш не се знае кој ќе победи. Верувам дека со колективна игра можеме до успех, се надевам дека серијата титула ќе продолжи и титулата ќе остане во Аеродром“ – изјави Пенов.

Се вчитува...