Кочов: МЗТ има две цели – титула и шанса за младите играчи

Доминацијата на МЗТ Скопје од претходните години беше прекината со поразот во финалето од Работнички, но аеродромци не ја кријат желбата експресно да се вратат на тронот на македонската кошарка. Управата реши да го задржи Ѓорѓи Кочов, кој најавува дека во сино-белиот дресо во домашното првенство шанса сигурно ќе добиваат и дел од помладите кошаркари.

„Пред нас е почеток на една нова сезона, во која сигурно ќе сториме се за да си ја вратиме титулата назад во Аеродром. Тој пат е долг, а во меѓувреме имаме една уште позначајна цел – да извадиме млади играчи кои во текот на сезоната редовно ќе добиваат минутажа, пред се во македонското првенство. Тоа е моја желба, без оглед на резултатот дел од помладите да добијат можност да ги покажат своите квалитети, за да ги добиеме како сериозни играчи за во иднина. Дури и по цена на некој неочекуван пораз тоа е стратегија од која нема да отстапиме, бидејќи како што реков, патот до титулата е долг“ – истакнува Кочов.

„Металците“ во првото коло денеска гостуваат на Блокотехна, тим кој им создаваше многу проблеми ланската сезона, но сепак успеаја да го елиминираат во полуфиналето од плејофот.

„Станува збор за тим што го почитуваме и сигурно нема да го потцениме. Имаат промени во тимот, но обезбедивме снимка за да видиме како изгледа нивната игра со овој ростер. Искрено, верувам дека се на овој натпревар ќе зависи од нас, ако одиграме како што знаеме ќе стигнеме до планираните бодови“ – вели стратегот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...