Кочов: Ова е дерби, поразите на Работнички не значат ништо

Работнички и МЗТ Скопје ќе се сретнат вечерва (18 часот, сала „Градски Парк“) во првото овосезонско дерби во кошаркарскиот шампионат. „Металците“ влегуваат во ова големо дерби со скор 5-1, додека Работнички по стартните две победи во изминатите две кола претрпе два порази, од ФМП и од Еуроникел.

„Ова е дерби натпревар што ќе го решаваат ситници. Мислам дека шансите се израмнети, слободно можам да кажам дека поразите на Работнички на тие претходни средби не значат ништо. Како и на сите дерби-пресметки, ќе решава мотивацијата, желбата за победа и верувам дека моите играчи ќе бидат на висина на задачата“ – истакна тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.

Според него, предност за Работнички е што дербито се игра во салата „Градски парк“, каде е многу полесно домашните навивачи да извршат притисок врз актерите.

„За Работнички е добро што ќе игра во „Градски парк“, тоа е домашен терен кој навистина носи предност за разлика од нашата сала. Како и да е, ние сме подготвени за борба на овој дуел“ – порачува Кочов.

Се вчитува...