Кочов: Постојано ги правиме истите грешки…

МЗТ Скопје го претрпе и вториот пораз на АБА2 „балонот“ во Бања Лука, овој пат од Студетски Центар со 92-75. Аеродромци парираа 30 минути на денешната средба, во третата четвртина имаа и предност од 52-55, меѓутоа преголемиот број на изгубени топки скапо го чинеа македонскиот состав против единствениот непоразен тим во натпреварувањето.

Избраниците на Ѓорѓи Кочов на овој натпревар во моменти се однесуваа како почетници, правеа грешки во чекори, промашуваа зицери и обиди од линијата за слободни фрлања, нешто што не смее да случи против еден ваков искусен противник. Виновниците за денешниот пораз беа Американците Феми Олуџоби и Хасани Гравет, кои на денешната средба комбинираа 13 изгубени топки од 21 на аеродромскиот состав.

„Навистина тешко ми падна овој пораз, бев убеден дека можеме да изненадиме и да го победите фаворизираниот Студентски Центар. Од еден егал натпревар направивме еден натпревар кој не е реален. Пак исти грешки, 21 изгубена топка и 50% реализација од слободни фрлања, не знам колку пати ни беа досудени чекори на натпреварот, навистина премногу. Му честитам на Студентски Центар, навистина се една добра екипа, сигурно физички се на ниво на АБА1, меѓутоа мислам дека овој натпревар можеше и мораше да оди во друг правец“ – изјави по натпреварот тренерот Кочов.

 

Се вчитува...