Кочов пред Студентски Центар: Мора да одиграме максимално храбро и борбено

Последниот натпревар од АБА2 „балонот“ во Бања Лука го носи и најтешкиот меч за МЗТ Скопје оваа сезона, во кој „сино-белите“ силите ќе си ги одмерат против досега непоразениот Студентски Центар (21 часот). Црногорскиот противник во своите редови има искусни играчи кои долго време настaпуваат на врвно ниво и добро се покриени на сите позиции на паркетот, па доколку аеродромци сакаат да слават на денешната средба ќе мора да бидат на врвот на својата задача.

„Не очекува меч кој требаше да биде големо дерби ако судиме по претходниот „балон“. Играме против екипа која е навистина одлична, добро селектирана и физички сигурно е на ниво на АБА1. Ќе пробаме да ги искористиме сите нивни слабости. Мора да влеземе во натпреварот максимално храбро и борбено, во спротивно немаме шанси. Очекувам нашите плејмејкери да одиграат на далеку повисоко ниво од претходните две средби и подобро да го разигруваат тимот“ – изјави за ЕКИПА, Ѓорѓи Кочов.

„Металците“ на првите два дуела во Бања Лука покажаа бледо лице од своите можности, потфрли организацијата во нападот па често кошаркарите беа приморени да се потпрат на индивидуалните квалитети. Она што радува е добрата одбрана и добрата заштита под обрачот, меѓутоа агресивната одбрана, која на момент го нарушуваше темпото на противникот, често носеше и лесни поени од линијата за слободни фрлања. Хелиос изведе 20, додека Слобода, 23 „слободни“.

„Тој е ризик кој што секогаш постои, меѓутоа сметам дека во моментов сме далеку од агресивност која што јас ја барам. Проблем е што кога играш агресивно, мораат сите пет играчи да бидат на исто ниво, само така може тоа да помине. Нешто што мораме да поправиме е исто така скок играта. Нашите бекови мораат да учествуваат на скок против Студентски Центар“ – додава младиот стратег.

МЗТ Скопје во моментов се наоѓа на делба на шестата позиција на табелата со скор од четири победи и два пораза, и еден натпревар помалку од останатите екипи, па и покрај тоа што денешната средба нема да биде пресудна за преостанатиот дел од сезоната, на аеродромци добро би им дошла победа за излез од „гужвата“ на средината на табелата.

Се вчитува...