Кочов: МЗТ е подготвен за АБА2, Хелиос е екипа против која тешко се игра

МЗТ Скопје денеска од 21 часот им се враќа на АБА2 натпреварите со дуел против Хелиос Санс, како прв меч од трите кои ќе бидат одиграни на вториот „балон“ на регионалното првенство, кој овој пат ќе биде одржан во Бања Лука. Како потсетување, на првиот „балон“ кој беше одигран на Златибор, аеродромци остварија скор од три победи и само еден пораз, па се наоѓаат во поволна позиција на делба на второто место на табелата.

За разлика од натпреварите во првиот „балон“, тренерот Кочов нема да може да смета на услугите на Тодрик Готчер кој беше еден од предводниците на составот со 12.8 поени, 5.8 асистенции и 3.8 скока по натпревар на првите четири средби, но ќе ја има помошта на новото засилување Доминез Барнет. Аеродромци во Бања Лука ќе бидат комплетни, но ќе изостанува „вистинскиот“ учинок на Кристијан Николов и Андреја Бојиќ, кои по повредите првиот тренинг го одработија токму во Република Српска, но ќе може да смета на Бојан Крстевски кој го пропушти Златибор.

„Атмосферата во тимот е вообичаена, не’ радува тоа што по долго време сме комплетни и сите со нетрпение го очекуваме стартот на натпреварите. За разлика од првиот „балон“ го немаме Готчер кој беше важна алка во нашата игра, меѓутоа имаме нов играч кој тренира недела дена со нас и очекувам да ни помогне со неговото искуство и знаење, и покрај тоа што не е целосно подготвен“ – изјави Ѓорѓи Кочов.

МЗТ Скопје и Хелиос добро се познаваат, во претходните две сезони одиграа четири дуели во АБА2 лигата по кои имаат половичен успех (2-2), па тренерот на „сино-белите“ апелира на претпазливост против незгодниот противник од Словенија.

„Хелиос е екипа која е одлично истренирана, има одличен офазивен и дефанзивен систем и секогаш е тешко да се игра против нив. Едно е сигурно, нашиот пристап и агресивност мора да бидат на највисоко ниво за да се ставиме во позиција за победа против било која екипа, па така и против денешниот противник“ – додава тренерот на МЗТ Скопје.

По Хелиос, МЗТ Скопје во петок ќе се соочи со Слобoда Ужице (13 часот), додека два дена поцодна аеродром ќе го имаат најголемиот тест на „балонот“, против досега непоразениот Студентски Центар (21 часот).

Се вчитува...