Кочов тргна со победа, МЗТ ја освои Гевгелија

МЗТ Скопје во третиот обид успеа да ја совлада екипата на Блокотехна во рамките од Супер-лигата, и тоа на гостинси терен со убедливи 66-75, со што овие два тима сега се израмнети на второто место на табелата. Ѓорѓи Кочов имаше одлично деби на клупата на „металците“, исто како и крилниот центар Бојиќ, кој одигра импресивно под обрачите. Ниту повредата на Дамјан Стојановски (не влезе во игра по првата акција од второто полувреме) не го исфрли од ритам МЗТ, кој одигра шампионски, заслужено триумфирајќи против тимот што му создаваше многу проблеми во првиот дел од сезоната. Блокотехна форсираше шут од далечина, упати 39 тројки, а погоди само 11, па поразот против ривал како актуелниот првак беше неизбежен.

Првата четвртина стартуваше со прецизни удари за три поени од двете страни. Блокотехна по тројката на Мијатовиќ поведе со 19-16, но потоа на сцена стапи Јуре Лалиќ, кој одлично реализираше неколку напади во рекетот, носејќи му на МЗТ Скопје предност од  21-27 на крајот од првата четвртина. Кризата во шутот од далечина на домашниот тим стануваше се поочигледна, а шампионот го искористи тоа, па со тројката на Соколов гостите од Скопје поведоа со 23-32. На средината од втората четвртина МЗТ за првпат дојде и до двоцифрена предност (27-37), откако Симонвски постигна тројка за „сино-белите“.

Шакир Смит експресно ја преполови разликата на 32-37, но на спротивната страна одговори Крафорд со фантастична тројка од над девет метри. Предводени од Смит домаќините се приближија на 39-40, имаа и напад за водство, но откако не го искористија на спротивната страна ги казни Лалиќ со нова реализација под прекршок, по што на одмор се замина со водство на МЗТ Скопје од 39-43.

Блокотехна на стартот од второто полувреме го сврте резултатот во своја полза, потоа и промашувајќи зицер преку Смит при водство од 46-45. Казната стигна на спротивната страна, во серија тројки погодија Трајковски и Соколов, по што Марјан Илиевски побара тајмаут. Веднаш потоа блесна Стојан Ѓуроски погодувајќи две тројки, па дојде ред на Кочов да земе тајмаут за да ја прекине мини-серијата на домаќините. Во вистински момент на сцена стапи дебитантот во дресот на МЗТ, Бојиќ, кој реализираше неколку напади и го врати МЗТ во водство, по што со новата тројка на Соколов „металците“ поведоа со 52-60. Блокотехна беше без поени во последните пет минути од третата четвртина, а МЗТ го искористи тоа и со новите поени на Бојиќ влезе во последната четвртина со предност од десет поени (52-62). Мора да се истакне дека во второто полувреме „металците“ настапија без Дамјан Стојановски, кој се здоби со удар во пределот на коленото при првата акција од четвртината со Бенџамин, по што не влезе во игра во остатокот од мечот.

Гостинскиот тим знаеше како да ја одржи предноста не дозволувајќи Блокотехна сериозно да се приближи и да се влезе во неизвесна завршница. Мијатовиќ се обидуваше да стори нешто повеќе, но влегуваше од грешка во грешка, домашните не одиграа буквално ништо во рекетот во текот на целиот натпревар, па на крајот го претрпеа првиот пораз во Супер-лигата.

Јуре Лалиќ беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 12 поени, еден повеќе од Крафорд, Бојиќ и Соколов. Кај Блокотехна најдобри поединци при денешниот пораз беа Главчев со 11 и Смит со 10 поени.

Се вчитува...