Кога бајката ќе стане реалност: Дедо мраз, подари ми дрес од Милан…

Чести се фразите при претставувањето на новите засилувања од типот… Отсекогаш сонував да потпишам за… од мал навивав за… но кога станува збор за Сандро Тонали, неговиот трансфер во Милан е јасен доказ дека некои бајки стануваат стварност. Младиот „бисер“ на италијанскиот фудбал долго време беше желба на Јувентус, летово се чинеше дека сигурно ќе потпише за Интер, но на крајот заврши во Милан.

Тој вчера и официјално потпиша договор со „росонерите“, по што во јавноста се појаво писмо што малиот Сандро пред 11 години го испратил до Дедо Мраз.

„Годинава барам комплет дрес на Милан. Ја сакам и видео-игрицата ФИФА 2011 и полнач за ПСП. И немој да бидеш мрзелив, подели ги овие работи уште на милиони деца ширум светот. Морам да прашам уште нешто, дали ќе станам фудбалер? И само уште ова… може ли да ми донесеш и дрес на Интер, не е важно дали е оригинален или не, го барам за мојот вујко кој многу ми помага да станам фудбалер и навива за Интер“, напишал 10-годишниот Тонали во своето новогодишно писмо.

Токму поради големата желба еден ден да го облече дресот на Милан, кога пристигнала понудата од „росонерите“ експресно биле прекинати преговорите со сите останати заинтересирани клубови.

Имавме бројни преговори. Се чинеше дека работата со Интер е завршена, но кога Милан стапи на сцена Тонали веќе не сакаше да чуе за ниту еден друг клуб. Тоа е клубот за кој тој навива уште од дете, ова е трансфер за кој Тонали сонуваше и многу ми е мило што му се исполни желбата. Исто така, би сакал да го пофалам Паоло Малдини, кој се однесуваше крајно професионално и експресно ги договори условите од трансферот, како што му доликува на еден од најголемите клубови во Италија“, изјави првиот човек на Бреша, Масимо Челино.

Тонали од почетокот на кариерата го доби прекарот „новиот Пирло“, но скромното момче е свесно дека е предалеку од нивото на големиот ас, кој летово седна на клупата на Јувентус.

„Тоа не е добра споредба. Физичките сличности се една работа, но на теренот се е поинаку. Пирло имаше ниво на техника што е невозможно да бидат достигнати. Моите квалитети се поинакви, можам да кажам дека имам подобра техника од мојот идол Џенаро Гатузо, но со Пирло не можам да се споредувам. Гатузо е мојата вечна инспирација“, изјави Тонали, кој во Милан ќе ја носи токму „осумката“ на својот идол.

Се вчитува...