Кога е најпотребно, треба да се издигнеш над австриските Алпи

Полска паѓа во заборав, поразот боли бидејќи беше незаслужен, но силните умеат да се издигнат кога е најпотребно и да го земат тоа што го заслужуваат. Македонските фудбалери загубија од првиот фаворит во групата со 0-1, но сега треба да го покажат победничкиот карактер изграден во изминатите две години и да се издигнат над австриските Алпи.

Капитенот Горан Пандев најави дека овие два меча ќе го предодредат нашиот пат во квалификациите за ЕП 2020. Ако загубивме од Полска, сега е потребна победа над Австрија, за Македонија да остане во трката за првите две позиции на табелата.

„Оваа генерација е зрела, најдобра со која сум играл во репрезентацијата и овие натпревари се вистински да го покажеме квалитетот и нашиот нов победнички менталитет“, истакна Пандев во пресрет на дуелите со Полска и со Австрија.

Селекторот Игор Ангеловски ги знае добрите страни на Австријците. Негуваат бундеслигашки стил на игра и Македонија ќе мора да одговори соодветно со дуел – игра и трчање.

„Одигравме квалитетно против Полска, но резултатот изостана. Се надевам дека вечерва со Австрија ќе дојдеме до бодови. Нема да отстапиме од нашиот стил на игра. Австрија игра бундеслигашки стил, имаат квалитетни поединци, но и како тим се многу компактни. Крај е на сезоната и ќе мораме да одговориме на нивната дуел-игра и трчање“, вели Ангеловски.

Натпреварот меѓу Македонија и Австрија ќе се игра вечерва, со почеток од 20.45 часот на „Тодор Проески арена“ во Скопје.

Се вчитува...