Кога е најважно, тука е Роналдо – Реал на чекор до финалето во ЛШ

Реал Мадрид ќе влезе со одлична предност од три гола во реваншот од полуфиналето од Лигата на шампионите, откако „кралевите“ вечерва ја добрија првата градска пресметка со Атлетико со 3-0. Како и многу пати досега, улогата на херој на „кралскиот клуб“ му припадна на Кристијано Роналдо, откако Португалецот ги постигна тритеа гола со кои актуелниот европски првак сега е многу близу до пласман во големото финале.

Реал беше подобар противник од самиот почеток, но Облак ги запре првите два обиди на домашниот тим кон неговиот гол. Словенецот беше немоќен неколку минути подоцна, кога Роналдо се најде на вистинското место по нафрлањето на Кашемиро и со прецизен удар со глава од пет метри предизвика еуфорија на „Сантијаго Бернабеу“. Атлетико малку ја отвори својата игра, но Реал ја имаше најубавата шанса до крајот на полувремето откако атрактивниот обид на Бензема „со пета“ заврши само во гредата.

Атлетико најдобриот период од мечот го имаше на стартот од второто полувреме, кога со одличен пресинг извесно време не им дозволуваше на „кралевите“ да врзат две-три додавања. Сепак, одбраната на Реал ги издржи налетите на гостите, а кога „јорганџиите“ целосно се отворија, домашниот состав знаеше како да го казни тоа.

Бензема одлично се загради од Годин во 74. минута, додаде до Роналдо, кој беше поснаодлив од Филип Луис, па потоа со силен удар неодбранливо го совлада Јан Облак. Целата концепција на Диего Симеоне падна во вода, неговиот тим тргна во офанзива, оставајќи простор за Кристијано да го комплетира својот хет-трик. Португалецот ја почна акцијата исфрлајќи го по десната страна Васкез, крилениот офанзивец несебично ја врати топката во срцето на шенаесетникот, каде Роналдо немаше тешка задача да ги постави конечните 3-0.

Иако има уште 90 минути игра на реваншот на „Висенте Калдерон“, со формата во која се наоѓа и нповторливиот Португалец во своите редови јасно е дека Реал Мадрид со едната нога веќе се наоѓа во финалето, каде ќе има можност да стане првиот тим што ја одбранил титулата во ЛШ по воведувањето на овој формат за елитното европско фудбалско натпреварување.

Се вчитува...