Кога ќе стартува новата сезона во ракометот и во кошарката?

Коронавирусот целосно го измести од ритам македонскиот спорт, сите лиги беа прекинати, а додека фудбалерите барем почнаа со подготовки за новите предизвици, во ракометот и во кошарката засега нема официјални информации кога може да се очекува стартот на сезоните 2020/21. Сепак, и од РФМ и од КФСМ најавуваат дека не би требало да им одлагање на почетоците во однос на она што било тренд во претходните години.

„Во ракометот еден вид на пракса е да дојде до состанок со клубовите кон средината на месец август. На тој состанок се врши и ждрепка за утврдување на календарот, а сезоната вообичаено стартува во вториот или најдоцна третиот викенд од месец септември. Има сосема доволно време за изготвување на протокол за натпревари, во согласност со сите здравствени регулативи“, изјави Генералниот секретар на Ракометната Федерација на Македонија, Филип Милошевски.

Кошаркарските сезони во Македонија вообичаено почнуваат во месец октомври, а се очекува истото да биде случај и со новиот шампионат.

„Внимателно ја следиме целокупната ситуација со коронавирусот во нашата земја. Во неколку ситуации контактиравме со ресорното министерство, по тие консултации беше донесена и одлуката за прекин во втората лига. Планот е новата сезона да почне во првата половина од месец октомври, како што тоа беше случај и во претходните години, секако доколку не дојде до влошување на ситуацијата и воведување на нови мерки. Речиси сигурно е дека ќе нема публика на трибините, а очекуваме во наредниот период да биде утврден и протоколот за одигрување натпревари, со кој ќе бидат утврдени и најситните детали и услови што ќе мора да бидат исполнети“, истакнува првиот оперативец на „куќата на кошарката“, Владимир Георгиевски.

Се вчитува...