КОГА МАКЕДОНИЈА СЛАВЕШЕ…Магичните мигови на деценијата (ВИДЕО)

Со завршувањето на 2019 година се заокружува период од десет години во кој бевме сведоци на неверојатни спортски приказни. Редакцијата на ЕКИПА.МК состави листа од 5 моменти кои го одбележаа македонскиот спорт изминатата декада.

5. ФК ВАРДАР Е ВО ЛИГАТА НА ЕВРОПА!!!

Тоа беше ден за паметење, ден за историја – 24 август 2017 година. Вардар забележа неверојатна победа среде Истанбул над Фенербахче (1-2) и се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа, прв македонски клуб кому ова му успеало. Победата од 2-0 од првиот меч даваше оптимизам за такво нешто, но „вардарци“ знаеја дека ќе мораат да ја повторат играта од Скопје ако сакаат да одговорат на предизвикот среде „турскиот пекол“. И го сторија токму тоа, покажаа и фантастичен карактер откако домаќинот поведе со 1-0. Сето останато е историја, а денеска по две и пол години се уште гордо можеме да кажеме Вардар е фудбалски бренд.

4. „ФЕНОМЕНИТЕ“ НА СЕР БОБИ 

Македонија конечно обезбеди учество на голем фудбалски самит. Боби Милевски и неговите „ФЕНОМЕНИ“ ја запишаа Македонија во историските книги на УЕФА. Барди, Николов, Бабунски, Радески и ја донесоа на Македонија таа 2016 најголемата фудбалска радост. Дел од нив, посакуваме и се надеваме во 2020 да не израдуваат со пласман на ново Европско, но овој пат не како „момчињата на Боби“, туку како „мажите на Ангеловски“.

3. А ТРЕБАШЕ ДА ИГРАМЕ ПОЛУФИНАЛЕ… 

Линдберг, Белград, Данска. Три збора кои што ниту еден Македонец не сака да ги употреби во иста реченица. Бевме блиску како никогаш дотогаш, но и како никогаш оттогаш. Еден напад, еден гол и Македонија во полуфинале на Европското првенство. Сепак, Данците не мислеа така. И покрај големата предност што ја имавме во првото полувреме и неверојатната игра на нашите момци, не успеавме. Данска едвај не победи, па стана Европски шампион, а ние победата над Словенија и освојувањето на петто место го славевме како злато. Јануари е месец на ракометот, возбудата, славјето. Тоа ни го овозможија Кире, Борко, Столе  и останатите минатите десет години. Затоа, до нови успеси и подобар пласман, Србија 2012 ќе биде запишана со „златни букви“ во историјата на Македонија.

2. „ЛЕЛЕ, ЛУЃЕ ШТО НАПРАВИВМЕ“

И осум години по легендарната „Леле, луѓе што направивме“, гледајќи го финишот на мечот меѓу Македонија и Литванија и тројката на Владо Илиевски, ниту еден Македонец не може да остане рамнодушен. Таа 2011 Македонија цел септември живееше за кошарката. На терените ширум државата за прв пат наместо имињата на легендарните НБА кошаркари, се слушаше, Мекејлеб, Илиевски, Антиќ, Војдан… Четврто место, кое можеше за многу малку да биде и бронза, да биде можеби и финале. Русија двапати ни се извлече, а Шпанија треба да биде благодарна што го имаше Наваро. Сега веќе се е историја. А на нас ни останува со огромна доза на задоволство да се сеќаваме на тој септември 2011. Година кога прославивме и 18 години од независноста, а подобар подарок за „полнолетноста“, нашата држава од овие момци не можеше да добие. Големината на резултатот и среќата што ја овозможија момците на Докузовски доби потврда кога се вратија во Македонија. Од Аеродромот до полштадот, улиците беа претесни за сите што излегоа да ги поздрават. Луѓето едноставно само сакаа да бидат блиску до хероите.

 

1. ЕДНАШ Е ЧУДО, ДВА ПАТИ Е – МАНГУПЛУК! 

Голот на Иван Чупиќ против Пари Сен Жермен за победа во 2017 година го качи Вардар на врвот на ракометна Европа. Целата ракометна јавност го прогласи Вардар за чудо, но, знаете како вели старата „Чудо се случува еднаш“. Вторпат, е тоа е веќе – мангуплук! А, вардарците по тоа прашање покажаа дека имаат докторирано. Без пари девет месеци, со неизвесна иднина, тие прво го одведоа Вардар на Ф4 во Келн, а потоа, по втор пат ја покорија ракометна Европа. Македонија веќе не се радува на четврти и петти места, Македонија сега има – ЕВРОПСКИ ШАМПИОН. Македонија знаеше и да го покаже тоа. Улиците и плоштадите, особено тој во Скопје беа местото на кое сите сакаа да бидат. Оти требаше да им се поклониме на хероите. Тие тоа го заслужија.

 

Се вчитува...