Кога треба, тука е тој – Кире Лазаров никогаш не дал помалку од седум гола на првиот меч на ЕП

ЕКИПА во Дебрецин,

Стеван Цаневски

Се е подготвено за денешниот дуел со Словенија (18 часот), со кој македонската репрезентација ќе го почне настапот на ЕП 2022 што „црвено-жолтите“ го играат во Дебрецин, Унгарија. Словенците ја имаат улогата на фаворит на денешниот натпревар, а главна задача на избраниците на Врањеш, како и на сите ривали со кои Македонија играше во изминатите десетина години на големите натпреварувања, ќе биде да се запре Кире Лазаров.

Сосема оправдана тактика, со оглед ан фактот дека Лазаров со години наназад е напаст за противничките голмани, а македонскиот капитен секогаш е максимално расположен и ефикасен на почетоците на европските шампионати, пет средби на кои македонскиот „бомбардер“ се нема спуштено под седум постигнати погодоци.

ЕП 2012 во Ниш почна со дуелот меѓу Македонија и Шведска, „црвено-жолтите“ ремизираа 26-26 со скандинавскиот гигант, а Лазаров постигна седум гола. Македонската „седумка“ броеше до седум и две години подоцна, кога во Хернинг загубивме од Данска со 29-21.

Најефикасниот меч на отворањата на ЕП Лазаров го огигра во 2016 година во Краков, за ривал ја имавме „големата“ Франција, но тоа беше само мотив плус за македонскиот капитен девет пати да ја затресе мрежата на „триколорите“.

Словенците знаат колку е незгоден Лазаров на почетоците на големите натпреварувања, откако тој даде седум гола во Загреб, каде Македонија го совлада денешниот ривал со 25-24, најавувајќи го своето одлично издание во првата фаза.

Кире Лазаров беше во главна улога и на првиот меч од последното европско првенство, кога во Виена по голема битка ја совладавме Украина со 26-25, со голот што токму тој го постигна во последната секунда, вкупно седми за него на натпреварот.

Се вчитува...