Кои се можните противници за баражот!? Ждрепката на 26. ноември во Цирих!

Шкотска, Португалија, Шведска, Русија, Полска, Италија или Швајцарија, Финска или Украина, Велс или Чешка, Норвешка или Турција…, се можните противници на Македонија во бараж пресметката за пласман на Светското првенство 2022 во Катар.

Македонската фудбалска репрезентација на 26. ноември од 17 часот во Цирих ќе ги дознае противниците за двата бараж-натпревари за пласман на СП 2022 кои не очекуваат во март следната година.

Баражот ќе се игра согласно новиот модел на ФИФА, нешто слично како и во плеј-офот од Лигата на нации за пласман на ЕВРО 2020, во кој вкупно 12 селекции (10 второпласирани од квалификациските групи и плус уште две репрезентации од Лигата на нации) ќе бидат поделени во три групи по четири репрезентации.

Притоа со ждрепката од Цирих ќе биде одредена во која група ќе е Македонија заедно со уште три селекции. Репрезентациите пред ждрепката ќе бидат поделени во две групи по шест – носители и неносители. Тоа ќе се одлучува врз основа на ефектот од квалификациите, но Македонија ќе биде меѓу неносителите, што значи полуфиналето од баражот ќе го игра на теренот на противникот кој ќе биде од листата носители. Ако триумфира во полуфиналето македонската репрезентација може финалниот натпревар за пласман на СП 2022 да го игра на домашен терен, што ќе биде одредено исто така на ждрепката на 26. ноември.

Првите натпревари од баражот за пласман на Мундијалот ќе се играат на 24/25. март а финалните на 28/29. март следната година.

Се вчитува...