Само уште два дена до големата финална пресметка на Реал Мадрид и на Ливерпул за скапоцениот трофеј во фудбалската Лига на шампионите. Најдобрите два клуба сезонава се изборија за место во финалето. Останатите ќе се надеваат на нова и подобра можност следната сезона.
Во пресрет на финалето, преглед на најголемите разочарувања во елитното клупско натпреварување за изминатава сезона.
Елиминацијата на Пари Сен Жермен. Секако не е срамно да се загуби од Реал Мадрид, но начинот на кој францускиот тим беше елиминиран беше крајно поразителен особено по фанфарите со кои минатото лето дојде Нејмар. ПСЖ успеа да ја загуби надежната позиција што ја имаше по првиот натпревар и речиси воопшто не изгледаше дека е во можност да ја сврти работата на домашен терен. Унаи Емери направи лоши тактички промени кои резултираа со разочарувачко издание.
Јувентус, отиде на „Сантијаго Бернабеу“, постигна три гола и си замина со празни раце по пеналот кој ја реши пресметката. Италијанскиот тим едноставно не направи доволно за да си го обезбеди пласманот во полуфиналето и покрај одличното издание во Шпанија, пред се поради очајниот настап на првиот меч во Торино.
Кога Реал Мадрид, Тотенхем и Борусија Дортмунд беа извлечени во иста група, очекувањата беа преголеми и од аспект на заработувачка, но повеќе од аспект на квалитетот на фудбал што требаше да го понудат дуелите. Сепак, германскиот тим разочара. Дортмунд заврши без победа и со само два бода од двата нерешени исхода против АПОЕЛ Никозија. Се разбира дека тренерот Петер Бош ја плати цената и доби отказ во декември. Да се биде зад Реал и зад Тотенхем не е криминал, но Дортмунд покажа разочарувачки изданија.
Барселона и пропуштените 4-1 од првиот натпрeвар против Рома. Изгледаше дека каталонскиот состав ќе остане до крајот во Шампионската лига, но доживеа пораз што речиси никој не го очекуваше. Елиминацијата на Барселона значеше и дека трета година по ред, меѓу најдобрите четири екипи ќе го нема тимот на Лионел Меси.
Атлетико Мадрид и елиминацијата во фазата по групи. Никој впрочем не очекуваше, Рома да се пробие во нокаут фазата со оглед дека Челси и Атлетико Мадрид беа фаворити во оваа конкуренција. Сепак шпанскиот состав се прости од елитното натпреварување рано и мораше да се насочи кон Лигата на Европа. На крајот заврши со титулата, но неминувањето на групите во шампионската лига дефинитивно е едно од поголемите разочарувања сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА