Кои се ривалите за вајлд-карта: Македонија е меѓу фаворитите

Македонија без борба го загуби баражот за СП 2021 против Франција, откако ЕХФ реши овие натпревари воопшто да не се играат, а билетите за мундијалот во Египет да бидат доделени според пласманот на репрезентациите на последниот европски шампионат. Франција заврши на 14. позиција, само едно место пред Македонија, но челниците на Ракометната Федерација на Македонија не се откажуваат од намерата да стигнат до мундијалски билет преку вајлд-карта.

Генералниот секретар Филип Милошевски веќе официјално изјави дека Македонија ќе аплицира, а со оглед на конкуренцијата што ја има нашата селекција, сосема реални се шансите за добивање на вајлд-карта и продолжување на континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

ИХФ ќе има најмалку две вајлд-карти на располагање, бројка што најверојатно ќе се зголеми на четири бидеќи според сите најави квалификациите за Северна Америка и Кариби, како и оние за Централна и Јужна Америка нема да соберат доволен број учесници (најмалку по шест, за да бидат признаени од светската куќа на ракометот).

Во случај на вкупно четири вајлд-карти, се очекува најмалку две да припаднат на Европа, а таму Македонија котира одлично. Имено, пласман на СП веќе обезбедија Данска, Шпанија, Хрватска, Норвешка, Словенија, Германија, Португалија, Шведска, Унгарија, Австрија, Франција, Белорусија, Исланд и Чешка. Конкретно, билет за СП имаат првите 14 селекции од ЕВРО 2020, а Македонија ја освои 15. позиција, па во случај на проширување на листата „црвено-жолтите“ би биле меѓу фаворитите. Само за споредба, зад нив на последниот европски шампионат се најдоа Швајцарија, Холандија, Црна Гора, Украина, Србија, Полска, Русија, БиХ и Летонија. Во однос на континуитетот, ниту една репрезентација не е редовен учесник на големите натпреварувања како што е Македонија (од 2012 година, па се до ЕП 2020), а по традицијата единствено Полска и Русија можат да се пофалат со медали во минатото, но овие две селекции бележат огромен пад во последните години.

Се уште не е одреден датумот кога ИХФ ќе ја донесе конечната одлука за доделување на вајлд-картите, но едно е јасно, Македонија не само што не е аутсајдер, туку годинава важи и за еден од фаворитите во оваа трка.

Се вчитува...