Кој би рекол: Нејмар „воскресна“ по новите правила во ПСЖ

Во таборот на ПСЖ почнува нова ера, не само поради доаѓањето на новиот тренер Галтие, туку со ангажманот на директорот Луис Кампос, кој има за главна задача да воведе ред меѓу скапо платените ѕвезди на „светците“. Поради ова, воведени се низа нови правила, се со цел од бројните „ѕвезди“ да биде составен силен колектив, нешто што не му успеа на ПСЖ во претходните години. Она што е интересно, еден од оние кои најпозитивно ги прифати ваквите мерки е Нејмар, играчот кој беше критикуван за непрофесионален однос на тренинзите и натпреварите во минатото.

„Светците“ се наоѓаат на турнеја во Јапонија, но Галтие уште од првиот тренинг во Франција јасно стави до знаење дека некои работи ќе мора да се променат. Првата се однесува на доцнење на тренинзите, доаѓањето е предвидено во периодот од 8.30 до 8.45 часот секое утро. Претходно секое доцнење се казнуваше финансиски, но новиот тренер е дециден на оваа тема – ако не сте дојдени на време, нема ни да можете да влезете во тренинг-комплексот, само свртете го автомобилот и вратете се дома.

За фудбалерите да се зближат донесена е одлука доручеците и ручеците задолжително да бидат заеднички, во рамките од тренинг-базата. Згора на тоа, за време на оброците е забрането да се носат мобилните телефони, се со цел да биде подобрена комуникацијата меѓу самите фудбалери.

Првите знаци се задоволителни, а сите во клубот се пријатно изненадени од односот на Нејмар, кој за разлика од минатото сега целосно се става во служба на екипата.

„Ставот на клубот околу Нејмар е јасен – тој е на трансфер-листа, но од друга страна јасно е и дека нема премногу заинтересирани клубови. Тренерот Галтие е воодушевен од Бразилецот и неговиот однос во овој прв период заедно. Тој без проблеми би му дал шанса да се докаже и да влезе во топ-форма доколку Нејмар остане во ПСЖ“, пишуваат француските медиуми.

Се вчитува...