Кој е Едуард Кокшаров, човекот од доверба на Самсоненко?

Актуелниот селектор на Русија, Едуард Кокшаров, ќе ја напушти директорската фотелја во Вардар за да ја преземе тренерската функција во таборот на „црвено-црните“. Во ситуација кога газдата Сергеј Самсоненко очигледно не беше задоволен од работата на Писонеро, Русинот се реши за нов стратег да го именува својот „човек од доверба“, кој долги години е дел од „црвено-црното семејство“.

Кокшаров пристигна во Вардар во јуни 2016 година, кога беше именуван за нов спортски директор на „црвено-црните“. Во меѓувреме тој по потреба извршуваше и тренерска функција, откако седна на клупата на женскиот тим заедно со Сергеј Самсоненко и со Аце Станковски, а потоа и како дел од стручниот штаб на Ирина Дибирова во ЖРК Вардар.

Како ракометар, Кокшаров најголем дел од својата играчка кариера помина во екипата на Целје, со која успеа дури и да ја освои европската круна во сезоната 2003/03. Со словенечкиот клуб тој освои девет трофеи шампион во Словенија. Има настапувано и за екипата на Краснодар, каде работеше и како главен тренер пред да дојде во Вардар. Кокшаров го има носено и дресот на Чеховски Медведи, која беше последна негова екипа како играч.

На репрезентативен план најголемите успеси му се златниот медал на ОИ во Сиднеј 2000 година и бронзата во Атина 2004 година.  Исто така, во својата колекција трофеи има и злато од СП 1997, а беше и светски вицепрвак  во 1999 година.

Тој од јули 2017 година е и актуелен селектор на „зборнаја“, функција што се уште ја извршува.

Се вчитува...