Кој е најомразениот возач на патеката во Ф1?

Шпанецот Карлос Сајнц, син на поранешниот шампион во рели, важи за еден од најталентираните возачи во Формула 1, но и најризичните ако се суди според инцидентите што ги предизвика сезонава. Според некои најави Сајнц од следната сезона може да вози за Ферари или за Ред бул, но моментно тој е на лош глас во Ф1 и некој кој никој на патеката не сака да го види во ретровизорот.

По првите седум трки од годинашниот Ф1 шампионат, Сајнц е возач со најмногу казни. Шпанецот веќе доби четири казнени бода и два пати беше казнет со три позициии назад на стартот на трките со што ги надмина и почетниците во ова натпреварување – Ленс Строл и Џојлон Палмер.

Сајнц првиот инцидент го имаше токму со тинејџерот од Канада, Ленс Строл, кого го исфрли од трката во Бахреин по невнимателното излегување од боксот. Веднаш потоа возачот на Торо росо направи уште еден инцидент во кој настрада Кевин Магнусен, а Сајнц се помина без казна.

Минатиот викенд на трката за ГН на Канада во Монтреал, Шпанецот предизвика уште еден судар. Со неконтролирана брзина влезе во кривината и го закачи болидот на Роман Грожан, а потоа загуби контрола врз болидот и удри во Фелипе Маса.

„Ми беше во мртов агол и не го видов во ретровизорите. Тоа беше несреќна ситуација и се надевам дека ќе поработиме на ретровизорите бидејќи сезонава сите се жалиме на нив“ – се обиде да најде изговор Карлос Сајнц.

Поради овој инцидент Шпанецот ќе стартува три позиции поназад од местото што ќе го избори во квалификациите во Баку на трката за ГН на Азербејџан што ќе се вози на 25 јуни.

Се вчитува...