Кој е следен: Алжир или Аргентина?

Нема никакви дилеми, Македонија не само што се пласираше во осминафиналето од СП, туку стигна и до второто место во својата група, што значи избегнување на Хрватска и Исланд и добивање на нешто полесен противник во првата нокаут фаза.

Нашите младинци во осминафиналето ќе се сретнат со третопласираната селекција од групата Д, која како што стојат работите би требало да биде домашната репрезентација на Алжир или евентуално Аргентина. Имено, Алжирците моментно се четвртопласирани, но вечерва (21.45 часот) се среќаваат со Саудиска Арабија, меч на кој победа ќе им донесе и скок на третото место и избегнување на дуел со Шпанија, воедно и доаѓање на мегдан со Македонија.Саудиска Арабија не е тотален аутсајдер во овој меч, ниту пак „топовска храна за фаворитите“ како што тоа беше случај со Буркина Фасо или Мароко. Оваа селекција загуби со само еден гол-разлика од Аргентинците (24-23), претходно беше поразена и од Хрватска со пристојни шест гола (32-26), а единствениот слаб меч го одигра со Исланд (48-24).Математиката е јасна, Алжир мора да победи за да биде третопласиран, бидејќи дури и во случај на реми домаќинот би паднал на четвртата позиција, поради послабата гол-разлика откако во меѓусебниот дуел со Аргентина одигра нерешено (25-25).Наша желба дефинитивно е доколку е можно да се избегне дуел со домаќинот, но дури и доколку се сретнеме со Алжир, оваа генерација покажа дека може не само да се носи, туку и да победува противници од тој калибар. 

Се вчитува...