Кој е следен: Уште тројца „вардарци“ имаат понуди на маса

Вардар претрпе голем удар во текот на денешниот ден, откако Даинис Криштопанс и Павел Атман го оставија тимот на цедило пред важниот натпревар против Мотор. Летонецот и Русинот веднаш си заминаа од клубот, голманот Гедбан си договори летен трансфер во Адемар Леон, Шишкарев во јули заминува во Веспрем, па логично се наметнува и прашањето кој ќе биде следниот што ќе си замине од таборот на „црвено-црните“.

Последните информации говорат дека тројца ракометари на „вардарци“ имаат на маса интересни понуди на кои се уште немаат одговорено. Во ситуација на распад на „црвено-црното семејство“, лесно може да се случи најмалку еден од нив експресно да го напушти Скопје.

Првиот е Кристијан Дисингер, кој пред неколку дена отворено говореше за финансиската криза, истакнувајќи дека ќе биде чудо ако остане во Вардар. Германскиот бек има интересна понуда од Спортинг, но проблем за него е што е повреден, па португалскиот тим би почекал до јули за трансфер наместо да го плаќа во наредните месеци во кои не е подготвен за настап.

За Вардар најголем удар би бил доколку до крајот на сезонава остане и без Сташ Скубе. Словенецот е „мозок“ на екипата и во ситуација кога си замина Криштопанс, станува главен адут во нападот на „вардарци“. Средниот бек минатото лето не се договори со Киелце и со ПСЖ, но сега е интересен за тимот на Хановер, кој е најпријатно изненадување во Бундес-лигата. Тренерот Ортега верува дека со Скубе во тимот може да се вмеша во трката за највисок пласман, па останува да се види дали Словенецот ќе тргне по стапките на Криштопанс и ќе се пресели во Германија, или ќе ја потврди лојалноста кон Вардар и ќе остане во Скопје најмалку до крајот на сезонава.

Жозе Гилјерме де Толедо не одигра ниту еден натпревар за Вардар во првиот дел од сезоната, штотуку се врати на терените, а сега би можел да си замине. Висла Плок е тимот од кој Толедо дојде во Вардар, а сега полскиот вицепрвак сака да го врати Бразилецот назад во своите редови. Во ситуација кога Атман веќе си замина, евентуално напуштање и на бразилскиот лев бек би претставувално уште еден огромен проблем во низата главоболки за тренерот Алушовски.

Се вчитува...