Кој го состави најдобриот тим за новата НБА сезона?

НБА сезоната е пред нас, а истата ќе биде се’ освен вообичаена. Многу претсезонски работи беа променети во знакот на коронавирсусот, но едно нешто остана непроменето, а тоа се новите засилувања на тимовите.

Доколку Лејкерс изгледаше моќно претходната сезона, што да кажеме сега? Кога на шампионската екипа и го додадете најдобриот шести играч, Монтрез Харел, играчот кој му беше најголема конкуренција на крилниот центар за оваа награда, Денис Шредер, како и два ветерани како Марк Гасол и Весли Метјуз, а при тоа не изгубите ниту еден премногу важен играч, јасно е дека сте одработиле одличен трансфер рок. Лејкерс повторно се број еден фаворити за осојување на титула во лигата, а прашањето е кој ќе ги запре?

Американските медиуми акцентот повторно го ставаат на градскиот ривал Клиперс. Тимот од „Ел-Еј“ претходната сезона блескаше пред „балонот“ во Орландо, меѓутоа не се снајде во плејофот. Сето тоа резултираше со отказ на тренерот Док Риверс, кој експресно беше заменет со Тајрон Лу, по него замина и Харел, неговата замена беше Серж Ибака, а покрај него пристигна и Лук Кенард од Детроит. Дали овој пат Каваи и „компанијата“ ќе успеат да ги оправдаат очекувањата, останува да видиме. На „Западот“ сериозни конкуренти се и Денвер и Никола Јокиќ, кои не се засилија оваа претсеозона, а изгубија играчи како Џереми Грент и Тони Грег. Не смее да се заборават ниту Далас и Дончиќ кои се засилија со Џош Ричардсон, како и Голден Стејт кој во новата сезона ќе настапи со Стеф Кари, но без Клеј Томпсон. Шесткратниот шампион го доби и Џејмс Вајсман, вториот драфт пик оваа сезона. Од сенка се јавува и Хјустон, кој доколку успее да го „смири“ Харден, со Вол и Казанс претставува вистинска закана за „Западот“.

Источната конференција се очекува да биде повторно неизвесна и дури шест тима да се борат за првото место. Доколку бидат здрави Бруклин Нетс со Кевин Дурант и Кајри Ирвинг ќе бидат први фаворити. Тука се и Милвоки Бакс кој во тимот го имаат двократниот МВП, Јанис Адетокумбо. Никако не смеат да се отпишат и Мајами Хит кои минатата година стигнаа до финалето, а тука се и шампионите од пред две години Торонто Репторс.

Се вчитува...