Кој и да падне ќе биде тешко: Познати 15 од 17-те потенцијални ривали на Вардар во ЛШ

Веќе завршија поголемиот дел од домашните првенства ширум Европа, а со самото тоа познат е и изгледот на „шеширите“ за претстојното извлекување за двојките од квалификациите за европските купови. Вардар како првак на Македонија повторно ќе биде дел од квалификациите за ЛШ, натпреварување во кое „црвено-црните“ во последните две сезони не успеаја да ја минат првата пречка, откако беа елиминирани од АПОЕЛ и од Динамо Загреб.

Слабиот рејтинг на „вардарци“ во Европа придонесе овој тим повторно да се најде во улогата на неносител на ждребот закажан за 19 јуни, што само по себе значи и добивање на тежок противник уште на самиот старт од квалификациите. Конкретно, од 17-те можни противници на Вардар познати се имињата на дури 15.

Станува збор за одбрано друштво предводено од шкотскиот гигант Селтик, потоа Салцбург, ФЦ Копенхаген, Лудогорец, Малме, Партизан, Ријека, Розенборг. Кипарскиот состав АПОЕЛ, кој ги елиминираше „вардарци“ пред две сезони, би можел да биде еден од најпосакуваните ривали, заедно со исландскиот Хафнарфјордур, Марибор, Малме, Хапоел Бер Шева, БАТЕ Борисов (тим од кој исто така Вардар беше елиминиран пред неколку сезони во квалификациите за ЛШ), како и Астана и Карабах, тимови кои многу вложуваат во играчкиот кадар, но по квалитетот и реномето сепак се зад останатите.

Едно е јасно, кој противник и да се добие, „вардарци“ ќе мора да играат многу подобро доколку сакаат конечно да ја минат таа прва пречка и да го продолжат својот престој во Европа.

Се вчитува...