Кој ќе го замени Рикијардо во Ред Бул?

Неочекуваната одлука на Даниел Рикијардо да го напушти Ред Бул и од следната сезона да се пресели во Рено, го натера австрискиот тим да бара брзо решение за негова замена. Според најавите, најлогично решение е во болидот на Ред Бул на местото на Рикијардо да седне младиот Карлос Саинц, но деновиве низ медиумите се вратат уште неколку алтернативи.

По потврдата од Рено дека во следната сезона Рикијардо ќе му биде партнер на Хулкенберг во нивниот тим, стана јасно дека француската компанија не размислува да го задржи Саинц. Тој годинава е позајмен во Рено од тимот на Ред Бул и сигурно нема да остане во францускиот состав, посебно по заладувањето на односите меѓу двата тима.

Проблем за враќањето на карлос Саинц во Ред Бул не се неговите квалитети туку нетрпеливоста што пости меѓу него и вториот возач во австрискиот тим, Макс Ферстапен. Тие двајца претходно возеа во тандем во Торо Росо. Саинц е производ од програмата за млади возачи на Ред Бул, но Ферстапен „го прескокна“ кога доби предност и прв беше повикан да премине од Торо Росо во „првиот тим“ на Ред Бул. А, Саинц потоа беше испратен на позајмица во Рено.

Раководството на Ред Бул стравува од ризикот во тимот за 2019 да пушти двајца возачи меѓу кои веќе постојат „искри на нетрпеливост“.

Алтернатива е во Ред Бул да дојде еден од двајцата возачи на Торо Росо. Но, тоа сигурно нема да биде Брендон Хартли  бидејќи возачот од Нов Зеланд сезонава вози под очекуваното ниво. Друга приказна е Пјер Гасли кој покажа многу поголема константност во настапите и моментно е на 13.место во генералниот пласман на возачи.

Во резерва, како потенцијална замена за Рикијардо во Ред Бул се споменуваат и имињата на тројца ветерани – Фернандо Алонсо, Кими Раиконен и Роберт Кубица.

Фернандо веќе најави дека планира да се повлече од Ф1, но ако му се отвори шанса да вози добар болид со кој ќе може да победува, може и да ја промени одлуката. Раиконен се уште не е подготвен за пензија и сигурно ќе сака да продолжи да се натпреварува бидејќи последниве сезони одржува добра форма.

Роберт Кубица уште од лани е подготвен да се врати во Ф1 и ја чека својата шанса. За овие тројца возачи единствен проблем може да биде тоа што Ред Бул е тим на млади возачи и таа определба тешко дека ќе се промени и во 2019 година.

Се вчитува...