Кој ќе игра вечерва против Австрија? Знаат само докторите…

ЕКИПА во Виена, 

Никола Ѓуровски

Алиоски, Адеми и Тричковски од стартот на подготовките се во „аут“, Стефан Спировски и Дарко Велковски подолг период влечат повреди, Стефан Ристовски е ровит, а згора на се и капитенот Горан Пандев се пожали на вирусна инфекција и зголемена телесна температура. Кој ли ќе игра вечерва против Австрија? Веројатно знаат само докторите, а можеби ниту тие…До последен момент ќе се обидат да оспособат дел од нив сепак да бидат дел од старниот состав на вечерашниот дуел на „Ернст Хапел“.

На вчерашниот официјален тренинг тренираа сите кои пристигнаа во Виена, но едно е тренинг, а сосема друго натпревар, и тоа квалификациски, против максимално мотивираната Австрија која е на чекор до пласман на Европското првенство.

Ќе чека селекторот Игор Ангеловски извештај од лекарскиот тим, а потоа ќе мора да одлучи. Има „дупка“ во одбраната со неиграњето на суспендираниот Висар Муслиу, секако и во останатите две линии, со оглед дека „пожолтени“ за овој меч се и Бобан Николов и Илија Несторовски.

„Овие момци никогаш не се предаваат, горд сум што ги имам и сигурно дека кој и да истрча против Австрија ќе го даде максимумот и ќе пркоси за Македонија да се претстави во одлично издание и да оствари позитивен резултат“, изјави селекторот Игор Ангеловски.

Ќе мора да посегне и по дебитантите. Ќе добие ли шанса „вардарецот“ Младеновски во одбраната? Можеби и Тихомир Костадинов на десната бековска позиција, доколку Стефан Ристовски сепак биде префрлен во централниот одбранбен бедем. Или можеби Ѓоко Зајков ќе биде решението?

Ако не може и капитенот Пандев, тогаш и навалната линија ќе мора да биде реновирана. Сигурно Александар Трајковски е првата опција во една таква ситуација.

Единствената добра вест е дека се враќа Енис Барди во средниот ред. Заедно со Елиф Елмас ќе мора да се борат за превласт во маневарот против „бундеслигашката“ средна линија на Австријците. И да, има уште една „сигурна“, дека Столе Димитриевски ќе е на голот.

Се вчитува...