Кој ќе остане: И Гедбан „бега“ од Вардар, си најде нов клуб…

Секој нов ден носи и нови разочарувања за приврзаниците на Вардар, откако станува јасно дека целиот шампионски тим на „црвено-црните“ ќе се распадне поради огромните финансиски проблеми и долговите од страна на газдата Сергеј Самсоненко. На Даинис Криштопанс му пукна филмот и денеска потпиша договор со Фуксе Берлин, оставајќи го тимот на цедило пред клучниот меч со Мотор, а своето заминување од Вардар денеска го најави и Калифа Гедбан.

Алжирецот беше стартен голман на голем дел од овосезонските натпревари, но финансиските проблеми го принудија да си бара нов клуб, па најде ангажман во Шпанија. Гедбан во следната сезона ќе го брани голот на Адемар Леон, клуб што е предводен од страна на Маноло Каденас. Овој стратег во изминатите неколку седмици барал нов голман за следната сезона, а изборот паднал токму врз Гедбан, пред се поради искуството што овој чувар на мрежата го има на важни натпревари во Лигата на шампионите.

Кога клубот го напуштаат и сосема просечни играчи како Алжирецот, јасно е дека бродот на Вардар се позабрзано тоне. Само за потсетување, Шишкарев веќе го договори трансферот во Веспрем, Атман е пред потпис со Спартак Москва, а само прашање на време е кога голем дел од останатите првотимци ќе го договорат заминувањето од таборот на „црвено-црните“.

Се вчитува...