Кој ќе се радува на десетта круна – Реал Мадрид или Обрадовиќ?

Се е јасно, вечерва во Белград некој ќе се радува на десеттата европска круна. Единствената дилема е дали тоа ќе биде најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид, кој досега има девет круни, исто колку и најтрофејниот европски тренер на сите времиња, Жељко Обрадовиќ. Српскиот стратег, кој своевремено седеше и на клупата на „кралевите“ ќе го предводи Фенербахче во обид да стане третиот клуб во овој век што две години по ред триумфирал во Евролигата, по Макаби во 2004 и 2005 и Олимпијакос во 2012 и 2013 година.

„Сите говорат за таа десетта титула, но јас не размилувам за тој мој јубилеј. Фокусиран сум само на натпреварот, многу е поважен тимот од било кој индивидуалец. Очекувам добар натпревар, поддршка од нашите навивачи и се надевам на победа“ – изјави Обрадовиќ во пресрет на вечерашниот дуел за титулата.

Реал Мадрид имаше две победи помалку од Фенербахче во регуларниот дел од сезоната, но „кралевите“ сега во Белград го имаат Серхио Љуљ, кој се враќа во клучниот дел од сезоната за шпанскиот гигант. „Кралскиот клуб“ води со 13-8 во меѓусебните дуели со Фенербахче, но ја загуби последната фајналфор пресметка од овој ривал, на ланскиот турнир во Истанбул.

„Фенербахче има одлична екипа, тука се Весели, Вонамејкер, Мели, Томпсон, Калиниќ… неверојатен тим. Играат многу цврсто и агресивно, имаат одлична ротација со која го одржуваат темпото низ целиот натпревар. Ова ќе биде финале меѓу два извонредни тима, со одлични играчи. Знаеме колку ќе ни биде тешко за да стигнеме до трофејот што го посакуваме“ – порача тренерот на Реал, Пабло Ласо, пред финалето.

Се вчитува...