Кој ќе стои на патот на Македонија до ново ЕП?

Македонската ракометна репрезентација денеска ќе ги дознае ривалите во квалификациите за ЕП 2022 што ќе се одржува во Унгарија и Словачка. Во ждрепката што е закажана за 17 часот во Виена нашиот национален тим се наоѓа во вториот шешир, што ги става „црвено-жолтите“ во добра позиција за пласман на ЕП, особено ако се знае дека покрај најдобрите две селекции од секоја група, пласман на европскиот шампионат ќе обезбедат и четирите најдобри третопласирани селекции. Македонија е редовен учесник на сите европски шампионати уште од 2012 година (во Србија, Данска, Полска, Хрватска, Австрија), серија што се очекува да продолжи и во новиот квалификациски циклус.

Избраниците на Данило Брестовац не можат да се сретнат со Австрија, Португалија, Србија, Белорусија, Русија, Црна Гора и со Холандија, а од шеширот на носители најдобра опција се Чешка или Исланд, наспроти големите фаворити Данска, Норвешка, Франција…

Клучно ќе биде да се добие што полесен противник во третиот шешир, каде се наоѓаат селекции што по реномето се зад Македонија што сме ги победувале во изминатите години (Швајцарија, Романија, Украина…), но не смее да се заборави трендот на се послаби резултати на „црвено-жолтите“, поради што мора да се биде претпазлив во секој дуел, против секој ривал.

 

ШЕШИР 1: Норвешка, Шведска, Данска, Германија, Франција, Словенија, Чешка, Исланд.

ШЕШИР 2: Македонија, Австрија, Белорусија, Португалија, Србија, Русија, Црна Гора, Холандија.

ШЕШИР 3: Швајцарија, Литванија, Романија, БиХ, Украина, Летонија, Полска, Белгија.

ШЕШИР 4: Финска, Италија, Турција, Израел, Естонија, Грција, Косово, Фарски Острови.

Новиот квалификациски циклус ќе стартува на 4 ноември, а ќе заврши на 2 мај 2021 година. Директен пласман на ЕП 2022 покрај домаќините Унгарија и Словачка обезбедија и финалистите од последниот европски шампионат, Шпанија и Хрватска.

Се вчитува...