Кој заминува, а кој останува во Вардар?

Вардар ја прослави втората шампионска титула во Лигата на шампионите, а по вчерашната парада денеска на ред се приемите по државните институции. Сеќавањата ќе останат вечно, но бајката ќе заврши за ден или два, за потоа ракометарите да се вратат кон старите проблеми – беспарицата, со надеж дека газдата ќе го испочитува даденото ветување и ќе ги подмири долговите кон нив.

Дел од „вардарци“ веќе ги спакуваа куферите, дел чекаат разврска во македонскиот првак, а има и такви кои ги разгледуваат понудите што пристигнуваат на нивна адреса. Бидејќи впрочем и немаат никакви обврски кон Вардар, бидејќи актуелната управа на сите им додели „бланко исписници“, како што во едно интервју пред извесно време обелодени Тимур Дибиров.

„ЛОЈАЛНИТЕ“

Оваа листа не е премногу долга, но лесно може да се случи експресно да биде надополнета доколку се забрзаат преговорите и се создаде стабилна финансиска конструкција за наредната сезона. Стојанче Стоилов останува како капитен и лидер и во наредниот период, а неодамна и Иван Чупиќ јасно стави до знаење дека својата иднина ја гледа во црвено-црниот дрес. Да остане сака и Тимур Дибиров, но неговата иднина најверојатно ќе биде поврзана со тоа дали Сергеј Самсоненко ќе остане на чело на проектот, нешто што се чини неверојатно во моментов. Во ситуација на „ремонт“ се очекува во тимот да останат и домашните играчи како Поповски и Недановски, кои најчесто добиваа шанса во СЕХА-лигата и во домашното првенство.

ЗАМИНУВАЊА

Вардар летово дефинитивно останува без еден од играчите кои важеа за „душа“ на тимот. МВП – Игор Карачиќ уште пред извесно време го договори трансферот во Кјелце, каде ќе го замени поранешниот „вардарец“ Лука Циндриќ, кој кариерата ја продолжува во Барселона. Првиот голман Дејан Милосављев се сели во Бундес-лигата, во таборот на Фуксе Берлин, додека Рожерио Мораеш уште пред неколку месеци позираше со дресот на Веспрем. Русинот Киселјев непосредно по Ф4 турнирот го комплетираше трансферот во Чеховски медведи, ставајќи крај на својата едногодишна авантура во Скопје.

ГЛАВНИ ДИЛЕМИ – КРИСТОПАНС И СКУБЕ

Кристијан Дисингер покажа трпение и најави дека наскоро ќе ја донесе својата одлука дали да остане или да си замине, но клучно за „вардарци“ ќе биде да не дојде до целосен распад на бековската линија, па по Борозан и Карачиќ, од клубот да си заминат и Кристопанс и Скубе. Летонецот веќе има договор од 2020 година со ПСЖ, „светците“ се откажаа од Степанчиќ за да отворат место за него уште во 2019, па интересно ќе биде да се види дали леворакиот „бомбардер“ ќе остане уште една година во Скопје или порано ќе се пресели во Париз. Скубе повторно преговара со Кјелце, интерес за словенечкиот среден бек покажуваат уште неколку клубови ширум Европа, но за него приоритет во моментов е останување во Вардар – со надеж дека што поскоро ќе бидат разрешени дилемите околу идното раководство и буџетот што европскиот шампион ќе го има во наредната сезона.

Мешков Брест има отворени понуди до Дибиров и Шишкарев, за Калараш се интересираат Чеховски Медведи и Мотор, а неизвесна е и иднината на Горбок.

——————————————————————————————————————————–

Едно е јасно, во интерес на сите е што поскоро да бидат разрешени сите дилеми, најпрвин европските шампиони да бидат целосно исплатени, а потоа да се произнесат за својата иднина. За да има доволно време за оние кои ќе заминат да бидат донесени адекватни замени. И да се оствари заедничката желба на сите – Вардар и догодина да има силен тим со кој би се борел за врвот на Европа.

Се вчитува...