Кокошков: Ѓорѓевиќ ми беше идол додека растев

Игор Кокошков е во фокусот на вниманието во пресрет на големото финале на Евробаскет 2017, не само поради своето кошаркарско знаење, туку и поради фактот дека српскиот стручњак ќе се бори за златото против својата татковина. За Кокошков е од дополнително значење што тактичката битка ќе ја води со Александар Ѓорѓевиќ,  за кого словенечкиот селектор има највисоко можно мислење.

„Додека растев имав два кошаркарски идоли, Дражен Петровиќ и Саша Ѓорѓевиќ. Голема работа е за српската и за европската кошарка што тој остана како тренер, бидејќи плени со своето присуство и знаење. Пријатели сме, имам голема почит за него како играч и како тренер. Утре ќе биде фестивал на кошарката, за мене лично, една од оние работи поради кои се занимаваме со оваа работа“ – истакна 45-годишниот Кокошков.

Тој е свесен дека изјава на Ѓорѓевиќ по полуфиналето со Русија „дека Словенија е апсолутен фаворит“ е само обид да се намали притисокот врз својот тим.

„Тоа е суштински небитно. Знам што ви рекол на вас новинарите, но знам и што рекол во соблекувалната. Нормално е да го испочитувал противникот пред медиумите, но сигурен сум дека на затворениот состанок на своите играчи ќе им рече „Ајде да ги прегазиме и овие Словенци“. Тоа е така, нормална работа во спортот“ – реален е Игор Кокошков.

Се вчитува...