Колку заработуваат македонските асови во Калчо-лигата?

Елиф Елмас е најплатениот од тројцата македонски фудбалери кои настапуваат во Калчо-лигата, според официјалните информации што во денешното издание ги објави весникот „Газета дело спорт“. Тиражниот италијански весник секоја година традиционално ги објавува платите на играчите на сите членови на „Серија А“, а на врвот и сезонава се наоѓа Кристијано Роналдо со 31 милион евра годишна заработувачка, пред Де Лихт со осум милиони евра и Игуаин и Лукаку со по 7,5 милиони евра годишна плата.

Елмас летово се пресели од Фенербахче во Наполи и потпиша договор со актуелниот вицешампион со важност до 2024 година. Според тој договор, македонскиот „дијамант“ ќе заработи 1,5 милиони евра за сезоната 2019/2020. Најплатен фудбалер на „наполитанците“ е дефанзивецот Кулибали со шест милиони евра по сезона, пред Инсиње со 4,6 и Лозано со 4,5 милиони евра годишна плата.

Илија Несторовски чекаше да добие раскин на договорот со Палермо, па како слободен играч потпиша тригодишен договор со Удинезе. Одличниот напаѓач според овој договор ќе заработува 600.000 евра по сезона, што е само за 200.000 евра пониска заработувачка од најплатениот фудбалер на „фриулијаните“, Родриго де Паул.

Горан Пандев со години беше убедливо најплатен мaкедонски фудбалер, но тој најверојатно ја игра и последната сезона во кариерата, што придонесе да дојде и до значителен пад во заработувачката. Со новиот едногодишен договор што го потпиша минатото лето, Пандев до јуни 2020 година ќе заработи 350.000 евра. Најплатен фудбалер на Џенова е Данецот Шене, кој потпиша од редовите на Ајакс и ќе зема плата од 1,5 милиони евра годишно.

Се вчитува...