Колумбија не можеше со десет играчи, голем триумф на Јапонија

Јапонија го стартуваше настапот на СП 2018 со голема победа над Колумбија, совладувајќи го незгодниот противник со 2-1. „Самураите“ им се одмаздија на Колумбијците за поразот од 1-4 во групната фаза од претходниот мундијал, максимално користејќи ја предноста од фудбалер повеќе по раниот црвен картон што го добија противниците. Ова воедно беше и историска победа, прва на една селекција од Азија против ривал од Јужна Америка на светските шампионати.

Клучен момент на натпреварот беше третата минута, кога Оспина го одбрани ударот на Осако, на одбиената топка натрча Шинџи Кагава, но Санчез играше со рака спречувајќи таа да заврши во мрежата. Судијата Скомина досуди пенал и му додели црвен картон на колумбискиот фудбалер, по што Кагава од пенал ја доведе азиската репрезентација во водство. Неочекувано, Јапонија не успеа да ја исконтролира средината на теренот, дозволувајќи му на противникот да биде рамноправен до крајот на полувремето. Ваквиот однос им се одмазди на Јапонците, па Колумбија успеа да израмни со прекрасниот слободен удар на Квинтеро во 39. минута, кога овој фудбалер одлично ја смести топката под живиот ѕид, во самиот агол од голот на противниците.

Второто полувреме донесе сосема поинаква слика на теренот, јапонските фудбалери делуваа решено да стигнат до цел плен, притискајќи го противникот на неговата половина. Осака и Инуи имаа два опасни шутеви, Оспина успеа да ги одбрани, но колумбискиот голман беше немоќен во 73. минута, кога Осако скокна највисоко по корнерот на Хонда и донесе огромна радост на Јапонија. Хамес Родригез, кој влезе во игра дури во второто полувреме, ја имаше најубавата шанса за израмнување, но неговиот обид од десетина метри во последен момент го изблокира еден од јапонските дефанзивци.

Во вториот натпревар од оваа група во 17 часот ќе се сретнат Полска и Сенегал.

Се вчитува...