Комеморација за Василов: Што и да се каже за овој голем човек, малку е…

Македонската кошарка од пред неколку дена е „посиромашна“ за уште еден великан, тренерски, по шокантната смрт на Драган Василов – Цевка. КФСМ денеска организираше комеморација во чест на врвниот тренер во младинските категории, чија специјалност беше „откривање“ на добри, на одлични кошаркари, момци кои подоцна клупската униформа најчесто ја менуваа со онаа репрезентативната.

На комеморацијата на Василов говореше неговиот син Горан Василов, кој се заблагодари за поддршката во овие тешки моменти за семејството.

„Сакам да упатам огромна благодарност за укажаната почит и чест на вашето присуство до сите. Пред се, до Перо Антиќ, и целиот негов тим од КФСМ за несебичната поддршка и ОГРОМНАТА ПОМОШ од секаков аспект, за мене и мојата фамилија во овие за нас, тешки мигови. Што и да кажам за овој голем човек, татко, сопруг, дедо…е премалку. Насекаде остави трага, препознатлива за него. Трага, полна со позитивна енергија и многу смеење. Специфично за него, каде и да се појавеше, со кого и да зборуваше, беше истиот. Ситуацијата секогаш беше ваква: Цевка збореше, а соговорникот немозеже да земе воздух од смеење… Типично за нашиот Цевка, нели? 

Во улогата на татко, сопруг, дедо беше ненадминлив. Редок пример кој е тежок за следење. Посебно уживаше во последниве осум години, улогата на дедо уште повеќе го просветли, уживаше во секој момент, не даваше ни секунда да е без внуците.

Дедо каков секој верувам би посакал. Затоа е сега и овој непребол, но прикаските за него кои беа исполнети со добрина, солидарност, многу смеење ќе ни останат како примери какви треба сите да сме. Го нема веке мојот…нашиот Цевка, но барем ни остави премногу убави моменти, досетки и дела кои се за почит и непресушен извор за зборење во годините што ни следуваат“, рече Горан Василов за време на комеморацијата.

Се вчитува...