Компромис: Клубовите ќе платат, првенството ќе продолжи

Кошаркарското првенство на Македонија ќе продолжи според предвиденото, откако денешниот состанок на претседателот на МКФ, Петар Наумоски, со претседателите на клубовите, вроди со плод, па беше најден заеднички јазик околу исплатата на парите што четирите прволигаши (Струмица, Куманово, Карпош соколи и Кожув) ги должат кон куќата на кошарката. Раководството на Струмица плати голем дел од долгот во текот на денешниот ден, по што во знак на добра волја и челниците на МКФ дадоа продолжен рок за остатокот од парите што ги побаруваат да ги наплатат до почетокот на Супер-лигата и плејаут натпреварувањето.

Можам да кажам дека сум задоволен бидејќи постигнавме договор за нешто суштинско – за доброто на кошарката. Струмица собра значаен дел од сумата што ја должеше, па излеговме во пресрет на барањето на овој клуб остатокот да го плати до стартот на Супер-лигата или плејаут натпреварувањето, во зависност од пласманот во сегашната фаза. Со Кожув и со Куманово постигнавме договор ист така дел од сумата, или пак целата сума да биде платена до петок, за суспензиите да бидат кренати, а потоа доколку исплатата не е целосна истата да се комплетира до стартот на Супер-лигата. За ова се консултиравме со сите клубови кои веќе ги имаа подмирено своите обврски бидејќи не сакавме да се чувствуваат изневерени бидејќи ја уплатиле целата сума во предвидените рокови, па откако добивме зелено светло од сите нив ја прифативме оваа опција. Како што реков, ова е одлука што е донесена за доброто на кошарката“ – изјави Петар Наумоски.

Ова практично значи дека претстојните средби од Купот на Македонија, меѓу Струмица и Гостивар и Вардар и Пелистер ќе се одиграат на 1 февруари, по што следниот викенд според предвиденото ќе продолжи и комплетното коло од Првата лига.

Се вчитува...