Конечно, договор: Конте ја прифати понудата на Наполи

Антонио Конте е на добар пат да му се врати на фудбалот откако трофејниот стратег конечно постигна договор со првиот човек на Наполи, Аурелио де Лаурентис.

Разговорите на Конте со „наполитанците“ траат повеќе од еден месец, но Де Лаурентис по неуспешните преговори со Гасперини од Аталанта повторно седна на маса со поранешниот италијански селектор, прифаќајќи ги неговите барања. Како што јавуваат италијанските медиуми, Конте ќе потпише двогодишен договор за плата од шест милиони евра по сезона, плус бонуси.

Кога станува збор за Де Лаурентис, не се исклучува можност за пресврт во последен момент, но првиот човек на Наполи делува решено да донесе врвен стратег откако сезонава веќе направи неколку погрешни чекори при изборот на тренер по заминувањето на Лучијано Спалети.

Се очекува во следните денови да биде потпишан и договор, по што Наполи ќе се насочи кон засилување на играчкиот кадар, а на врвот на листата со желби на Конте се наоѓа Ромелу Лукаку, чија позајмица од Челси во Рома истекува на крајот од сезонава.

Се вчитува...