Конте бара уште 10 милиони евра од Челси „за нарушен имиџ“

Војната што Антонио Конте ја води со раководството на Челси уште повеќе се интензивираше откако беше обелоденето дека шампионскиот стратег барал вкупно 23 милиони евра од лондонскиот клуб, поради предвремениот прекин на соработката. Конте и неговиот стручен тим треба да добијат 13 милиони евра за последната година од договорот што беше предвреме раскинат, но Италијанецот побарал дополнителни 10 милиони евра поради нарушување на имиџот во текот на изминатото лето.

Конте за аргументи ги има бројните преговори што Роман Абрамович ги водеше со тренери ширум Европа, во период додека Конте се уште беше под договор со Челси. Впрочем, тој дури и ги почна подготовките на овој клуб летово, по што неполни десет дена подоцна да добие отказ и на негово место да биде ангажиран Маурицио Сари.

Адвокатите на Челси собираат аргументи за непрофесионален однос на поранешниот тренер, пред се околу неговото одбивање да присуствува на настани во организација на клупските спонзори, но јасно е дека оваа војна ќе продолжи уште извесно време. Впрочем, откако падна во вода преземањето на кормилото на Реал Мадрид сега на Конте и не му се брза, бидејќи во секој случај му се загарантирани оние 13 милиони евра од договорот со Челси, со уште некој милиони за „нарушен имиџ“.

 

Се вчитува...