Конте дециден: Шампион не се станува со 11 играчи

Антонио Конте ја продолжува битката со управата на Челси, незадоволен што актуелниот првак на Англија не се засили доволно во досегашниот дел од преодниот рок. Лондонскиот клуб потроши над 120 милиони фунти на Мората, Рудигер и на Бакајоко, но од „Стемфорд бриџ“ си заминаа неколку фудбалери, па Конте се жали дека нема доволен ростер на располагање за да се бори за титулата.

„Ќе играме во ЛШ, ќе имаме по седум средби месечно, ќе морам да го ротирам фудбалерите. Шампион во ваква ситуација не се станува со 11 играчи, тоа едноставно не е возможно. Ќе мораме да бидеме подготвени за ротации“ – порача Конте на пет дена пред истекот на преодниот рок.

Лондонскиот клуб не му ја исполни желбата на стратегот да му биде доведен Ромелу Лукаку, кој заврши во Манчестер јунајтед. За бесот на Конте да е уште поголем, управата на Челси потоа го продаде и Немања Матиќ на истиот клуб, значително засилувајќи го директниот ривал за титулата.

Челси се интересира за Џејми Варди, Антонио Кандрева, Рос Баркли, Дени Дринквотер и Алекс Окслејд Чембрлен, па останува да се види дали англискиот првак ќе доведе барем еден од овие петмина фудбалери до крајот на преодниот рок.

Се вчитува...