Конте е бесен, кинеските газди ги блокираа трансферите на Интер

Десетина дена беа доволни за Антонио Конте да ги има првите нервози како тренер на Интер, откако кинеските газди решија привремено да ги стопираат сите преговори за фудбалерите што овој стратег сакаше да ги доведе на „Џузепе Меаца“. Един Џеко треба да го чини Интер околу 20 милиони евра, Барела од Калјари е проценет на 30 милиони, додека трансферот на Лукаку од Манчестер Јунајтед може да се финишира доколку Интер понуди 70 милиони евра.

Директорот Марота преговараше за исполнување на овие три желби на новиот стратег, но сега се е блокирано, а главен виновник за тоа е Мауро Икарди. Кинеските газди јасно ставиле до знаење дека голем дел од буџетот за засилувања треба да биде покриен од продажбата на капитенот, но Икарди игра своја игра, па сега ги одбива сите понуди за заминување. Поточно, тој инсистира само на трансфер во Јувентус, каде „нероаѕурите“ не сакаат да го продадат, но како што стојат работите ќе мораат да го сторат тоа за да ги помрднат работите и да почнат самите да ангажираат нови засилувања.

Икарди моментно се наоѓа на годишен одмор и според италијанските медиуми тој и Ванда Нара воопшто не се јавуваат на телефонските повици на Марота, дополнително зголемувјаќи го притисокот врз директорот на „нероаѕурите“. Екс-капитенот ќе се појави на стартот на подготовките во Лугано, а на „нероаѕурите“ е да најдат начин што поскоро да го продададат, за да стигнат до буџет со кој потоа ќе ги доведат играчите што Конте сака да ги види во својот тим.

Се вчитува...