Конте горд: Испишуваме историја со Интер!

Интер веќе денеска би можел да стане шампион на Италија, доколку Аталанта не триумфира на својот натпревар со Сасуоло. Антонио Конте е најзаслужен за извонредната сезона на „неораѕурите“ со која неговиот тим ќе ја прекине извонредната серија од девет шампионски титули на Јувентус.

„Испишуваме историја со Интер, тоа е логично само по себе кога ќе се прекине нечија серија од девет скудета. Секако дека сме задоволни од тоа, фудбалерите ги заслужуваат најголемите честитки. Сите се жртвувавме цела сезона, дадовме се од себе за да стигнеме овде каде што сме во моментов“, изјави Конте.

Трофејниот стручњак призна дека изборот да дојде во Интер не бил нималку лесен, пред се поради фактот дека тој своите први трофеи во тренерската кариера ги освои со големиот ривал Јувентус.

„Многумина би се криеле зад историјата, но јас сакам предизвици и затоа го донесов најтешкиот избор – по Јувентус во Италија да работам во Интер. Знаев дека нема да ми биде лесно да ги освојам срцата на навивачите на Интер, горд сум што успеав во тоа“, прокоментира Антонио Конте.

Се вчитува...