Еден Азар минатата сезона беше меѓу најдобрите поединци во дресот на Челси, но Антонио Конте е убеден дека белгискиот ас може да игра уште подобро, па јавно го предизвика да почне уште почесто да ги тресе противничките мрежи. Азар ги надмина проблемите со повредата поради која го пропушти стартот на сезоната, а Конте пред големото дерби со Манчестер сити порача дека Белгиецот може да ја крене својата игра на уште повисоко ниво ако целосно го искористи својот талент.
„Оваа сезона е многу важна за Азар, знаеме дека е фудбалер од највисока класа, но тој е свесен дека ако Бог ти даде талент, треба да го искористиш. Понекогаш, ако тој постигне гол е презадоволен и ако се најде во втора шанса размислува за асистенција. Роналдо, ако даде еден гол, сака да даде уште два или три… истото важи и за Меси. Тоа е разлика во размислување, нешто што Азар треба да го промени бидејќи сезонава ќе биде исклучително тешка како во Премиер-лигата, така и во Лигата на шампионите“ – истакна Конте.
На потег е Азар, кој веќе попладнево на големото дерби со Манчестер сити ќе има можност со дела да одговори на овие зборови на својот тренер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА