Конте „пука“ наголемо, го сака Канте во Интер

Антонио Конте не е во најдобри односи со раководството на Интер, се најавува дури и негово заминување, но тоа прескапо би го чинело италијанскиот калчолигаш. Од друга страна, Конте притиска да му бидат доведени квалитетни засилувања и конечно да оформи тим кој може да ја нападне шампионската титула и да го симне Јувентус од тронот.

Најновата желба на Антонио Конте е францускиот интернационалец Нголо Канте од Челси. Тој важи за еден од најдобрите фудбалери во светот на позицијата последен играч за врска и Конте сака да го има на „Џузепе Меаца“. За него Интер би требало да плати 80 милиони евра, но и да ги победи Реал Мадрид и Пари Сен Жермен кои исто така се силно заинтересирани за ангажман на Нголо Канте.

Многу поверојатно е дека Интер ќе стигне до Сандро Тонали од Бреша, а во листата на желби на Антонио Конте се и Артуро Видал од Барселона, Един Џеко од Рома, Емерсон Палмиери од Челси и Јан Фертонген на кого му истекува договорот со Тотенхем. Интер успеа да го доведе Ашраф Хакими од Реал Мадрид, кој изминатите две сезони беше позајмен во Борусија Дортмунд.

Се вчитува...