Конте си донесе бек за свој мерак

Антонио Конте инсистира на тактика со тројца дефанзивци во линија, што ја прави уште позначителна улогата на бековите кои треба да помагаат во одбраната, но и да бидат опасни во напаѓачкиот дел од акциите. Тој не беше најзадоволен од овој дел од тимот во првиот дел од сезоната, затоа веќе го доведе Ешли Јанг за левата страна, а од денеска има добро позната опција и за десната страна.

Виктор Мозес од денеска и официјално е нов член на „нероаѕурите“, откако Интер се договори со Челси за да го позајми овој фудбалер до крајот на сезонава. Мозес настапуваше за Фенербахче, но турскиот клуб се согласи предвреме да ја прекине соработката, се со цел да отвори место во тимот за Родригез од Милан. Мозес имаше извонредна соработка со Конте во Челси, кога италијанскиот стратег од него од отпишан фудбалер направи стандарден првотимец токму на позицијата десен бек.

Со комплетирањето на овој трансфер, Антонио Конте ќе даде зелено светло за заминувањето на Лазаро, австрискиот репрезентативец кој ќе ја продолжи кариерата во Њукасл.

Се вчитува...