Контроверзниот Кирјос триумфираше во Акапулко

Ник Кирјос чие специфично однесување го обележа годинашното издание на турнирот во Акапулко ја освои титулата триумфриајќи во финалето за само час и половина со 2-0 во сетови над третот тенисер во светот, Александар Зверев.

Кирјос ја искористи втората брејк шанса во четвртиот гем од првиот сет за водство од 3-1, потоа Германецот пропушти три можности за да го одземе противничкиот сервис по што го загуби сетот со 6-3.

Во вториот сет Зверев продолжи со слабата игра, а Кирјос клучната предност ја направи со брејкот за 3-2, по што сетот го доби со 6-4 и дојде до петтата АТП титула во кариерата, втора на турнирите од рангот 500. Претходно имаше трофеј од Токио од 2016 година.

Пред турнирот Австралиецот беше на 72. место на АТП листата, а по успехот, за в понеделник му е проектирана 31. позиција.

Австралискиот тенисер на патот до титулата го елиминираше Рафаел Надал по голем пресврт, а од Шпанецот доби големи критики за однесувањето. Потоа беше подобар од Стен Вавринка во четвртфиналето, а го славеше и над Џон Иснер во полуфиналниот дуел.

 

 

 

Се вчитува...