Кораби со голема самодоверба пред баражот за пласман во ВМФЛ

По она несреќно испаѓање од Втората лига-Запад, кога пред две сезони се формираше eдинствената Втора лига на Македонија, фудбалерите на Кораби од Дебар не се разочараа. Само по една година повторно се пред вратите на Втората лига бидејќи во изминатата сезона практично се „прошетаа“ во првенството на Третата лига-Југозапад. Убедливо, со 11 бодови предност пред Лирија и дури 15 пред Кравари го освоија првото место. На 18 натпревари забележаа 16 победи, со едно реми со Демир Хисар и пораз од Преспа.

Но сега доаѓа она најтешкото, саботниот бараж меч со Вардарски на стадионот„ Борис Трајковски“ во Маџари. Натпревар за кој нема поправен испит, тие последни 9о минути , можеби и пенали, кои ќе решат дали љубителите на фудбалот во Дебар, на нивниот убав стадион, кој собира околу 5.000 гледачи, одново ќе гледааат второлигашки натпревари. А го заслужуваат тоа бидејќи екипата Кораби е гордоста на градот, која е една од најстарите во Македонија формирана во далечната 1921 година и која има играно во сите лиги, освен во Првата.

„Кога во сезоната 2021/22 испаднавме од Втората лига – запад, заедно со уште три клуба поради формирање на единствената Втора лига, нашата прва цел беше да ја засилиме екипата и одново да се вратиме во второлигашкото друштво, тоа го заслужуваат нашите многубројни навивачи. Ги вративме некои наши фудбалети кои играа за Воска и Гостивар, што се покажа како добар потег и годинава немавме сериозна конкуренција за првото место во Третата лига. Сега на ред е мечот со Вардарски, да се биде или не. И за нас и за фудбалерите од Богданци. Секоја прогноза во бараж средбите е неблагодарна, го почитуваме противникот, нашите играчи ќе го дадат својот максимум да победиме и да ги израдуваме нашите навивачи кои во голем број ќе допатуваат во Скопје да ни дадат поддршка. Не смееме да ги разочараме“,  ни изјави претседателот на Кораби, Хабиб Клонбочишта.

„Ова е сега финален меч за нас, ќе покаже дали сме подготвени да играме во единствената Втора лига, Јас имам доверба во моите играчи, верувам дека нема да разочараат и заедно со навивачите ќе се радуваме по натпреварот. Сигурно дека нема да биде лесно, имам информации дека Вардарски ќе ни биде сериозен противник, тоа и го очекуваме бидејќи го освоија првото место во Третата лига-исток пред една Слога од Виница, Малеш, Овче Поле, Рудар од Пробиштип, Дојранско Езеро, Тиверија, поранешни второлигаши. Тоа треба да се респектира“, вели тренерот на Кораби, Адријан Муладаути.

Во текот на целото првенство во Третата лига-југозапад дресот на Кораби го носеа: Мугни Опре, Врлаку Крешник, Ахсен Мулареџа, Феми Думани, Ујкан Муча, кој со 18 постигнати гола е голгетер на Кораби, Адис Трапи, Арлинд Берзати, Един Мерсовски, Врлаку Кренар, Трим Амбари, Аниљ Војка, Амин Качалнику, Фатјон Леши, Лундрим Вејсиу, Адријан Муладаути, Адем Колоња, Рамку Енис, Енес Боличе и Хабиб Клобучишта. На некои средби играа и претседателот и тренерот на клубот.

Колку е развиен фудбалот во Дебар најдобро покажува и овој податок. Во Кораби се води голема грижа за млади категории, селекцијата на фудбалери родени 2009 година го освоија првото место пред младите играчи на Пелистер, Охрид, Победа…

М.Мицковиќ

Се вчитува...