Корона и во АБА: На полувреме дознале дека имаат заразен кошаркар

Се уште не е ниту комплетирано првото коло од АБА-лигата, а веќе се појави и првиот случај на коронавирус, и тоа во редовите на Цедевита Олимпија. За трагедијата да биде уште поголема, словенечкиот клуб за случајот дознал на полувремето од денешниот дуел со Крка, откако кошаркарот веќе минал извесно време на теренот.

„За жал, наместо да зборуваме за играта и за победата ние говориме за коронавирус. Еден од нашите кошркари е позитивен, резултатите ги добивме на полувреме, по што целиот наш тим сега заминува во самоизолација, исто како и екипата на Крка и судиите на денешниот натпревар. Игравме меч од Еврокупот, по враќањето се тестиравме и сите бевме негативни. Денеска повторно се тестиравме поради следниот меч од Еврокупот, но за жал едниот тест беше позитивен“, изјави директорот на Цедевита Олимпија, Давор Ужбинец.

Останува да се види како ова ќе се одрази врз натамошниот календар на АБА-лигата, со оглед на фактот дека двата словенечки клуба најверојатно нема да можат да настапат во второто коло од регионалното натпреварување.

Се вчитува...