Коронавирус во два ракометни суперлигаши

Почетокот на подготовките на ракометните суперлигаши наиде на проблем откако во две екипи се појавија случаи на позитивни тестови на Covid-19.

Новиот суперлигаш КЛ7 крајно професионално и одговорно вечерва објави дека од резултатите на тестирањето на сите ракометари од првиот тим, младинците и кадетскиот состав, два теста биле позитивни на коронавирус.

„Свесно и целно, пред почетокот на тренажниот процес за своите кадети, младинци и првиот тим се организираа скрининг тестови. Истите беа спроведени од страна на “Жан Митрев Клиник”. Играчите веднаш по пристигнувањето од своите места на живеење според сите правила на дистанца и заштита прво беа упатени на скрининг тестирања. Кај двајца играчи (еден сениор и еден кадет) скрининг тестовите беа позитивни. Истите се во самоизолација и се чувствуваат добро без ниту еден симптом. По добиените резултати тренинзите се одвиваат секојдневно според донесениот протокол. На нашите играчи им посакуваме поскоро закрепнување и приклучување во тимот“, објави КЛ7 на официјалната веб-страница.

Битолскиот суперлигаш Пелистер 2 исто така има позитивни случаи на коронавирус во своите редови, но за разлика од скопскиот клуб битолчани се уште не се јавуваат со официјална потврда на информацијата. Станува збор за двајца млади ракометари од вториот тим на „пелистерци“, а поради новонастанатата ситуација клубот ги откажа подготовките што требаше да се одржат во Маврово.

Се вчитува...